Sunday, July 8, 2007

КАКО БУГАРИТЕ СТАНАЛЕ МИЗИ?

Од основањето на бугарската држава во 681 година, па се до нејзиното уништување во 972 година, таа го носи етничкото име на својот народ (Бугари и Бугарија). Но, од 972 година, на овој народ и на нивната земјата им е дадено ново, политичко, име кое исто така претрпува извесни промени.
Византискиот писател Лав Ѓакон е првиот што сведочи за промената на името Бугари во името Мизи, а на нивната земја Бугарија во - Мизија.
Во врска со превземениот поход на византискиот император Никофор Фока против Бугарите во 968 година, Лав Ѓакон за прв пат го употребил новото име за Бугарите.
Тој пишува: "Кога Никифор стигнал пред падините на Стара Планина... тој ја разгледал земјата и скалестите предели, бидејќи, за да се изразиме поетски, во земјата на Мизите, само зла извирале... и за да не ја предаде (својата војска, з.м.) на Мизите да ја исколат..." тој го прекинал походот. (ГИБИ, 5. том, стр. 247).
Во врска со навлегувањето на Русите во Бугарија во 968 и 969 година и разбивањето на бугарската војска, Лав Ѓакон пишува за смртта на бугарскиот цар Петар, па вели:
"Велат дека тогаш водачот на Мизите Петар... соочен со неочекуваната несреќа, добил апопклептичен удар и недолго потоа го напуштил овој свет" (Исто, стр. 248-249).
Од овие цитати гледаме дека уште пред уништувањето на бугарската држава, на Бугарите им било дадено ново, политичко, име, па нивниот последен реален цар кој 42 години владеел со Бугарите од "цар на Бугарите" наеднаш се престорил во "цар на Мизите".
Шест децении по Лав Ѓакон, Георги Кедрин, соопштувајќи за навлегувањето од север на Печенезите (кои биле сродни со Турко-Бугарите) во 1032 година, исто така го користи политичкото (а не етничкото) име на остатоците од Аспаруховите Бугари, кои останале во нивната земја.
Тој пишува: "... Печенезите го преминале Истар и ја опустошиле Мизија" (исто, стр. 299). За повторните напади на Печенезите, Кедрин повторно го користи политичкото име на оваа земја, па вели: "Печенезите повторно ги нападнаа Мизија, Тракија и Македонија" (исто, стр. 200).
Друг византиски писател - Скилица Кедрин (11 век) исто така пишува за Мизи и за Мизија, а не за Бугари и за Бугарија (ГИБИ, том 6., стр. 293-294).
Да заклучиме дека од последната година на постоењето на бугарската држава (972 г.), па се до 1235 (значи, речиси три века), за Византија и за византиските писатели нема Бугари и Бугарија од онаа страна на Стара Планина.
Наместо нив, постојат имињата Мизи и Мизија.
По населувањето на Печенезите во источната дунавска рамнина и по нивното покрстување од страна на Византија, административното име на оваа земја било Паристрон (Подунавие). Јован Зонара кој ги следел настаните околу населувањето на Печенезите предводени од Кеген (кои го убедувале византискиот император да му се спротивстави на Тирах - водачот на преостанатите 14 племиња Печенези, кој се наоѓал од другата страна на Дунав), соопштил: "Бидејќи престојувал во паристрионските области, тој (Кеген, з.м.) ја преминал реката (Дунав, з.м.) и ги поразил луѓето на Тирах." (ГИБИ, том 7., стр. 198).
Ова административно именување на Бугарија било употребено и во врска со востанието на тамошниот византиски управник Нестор, кој пред тоа му бил роб на императорот: "Еден роб на таткото на императорот (Константин Десетти з.м.), по име Нестор, по чин вестарх, кој бил назначен за дука на Паристрион, се кренал со оружје против императорот." (исто, стр. 202).
Најчудно е тоа што дури и откако Печенезите, Власите и Куманите ја создале таканаречената "Втора бугарска држава" византиските писатели, без да водат сметка за новиот етнички лик на населението од онаа страна на Стара Планина, продолжуваат да зборуваат за Мизи, додавајќи ги и Власите.
Така, на пример, Никита Хонијат кој имал висока должност кај византискиот император во својата "Хронографија", известувајќи за востанието на Петар и на Асан во 1185 година, пишува: "Бидејќи Мизите јавно започнале востание и на чело на тоа зло застанале... Петар и Асан..." императорот превзел поход кон Стара Планина.
И понатаму: "Императорот имал можност поради недостаток од противдејство, да ја преброди цела Мизија и да постави гарнизони во тамошните градови, од кои најмногу биле распоредени по Хемус"("Бугарската воена уметност за време на феудализмот", 1953, стр. 437).

No comments: